Шутаров: Власта манипулира со нашето колективно паметење, но тоа е средство и да ѝ се даде отпор! – Сѐ се враќа и сѐ се плаќа!

„Владите, кои ги избираме, умеат да манипулираат со нашето колективно паметење и сеќавање. Но, паметењето може да биде сигурен инструмент за пружање отпор кон секоја власт, па властите почесто посегнуваат кон создавање амбиент за постојано заборавање кога се носат погрешни политички одлуки. Властите мора сериозно да ја водат државата и во иднина! Кој ги држи рацете на уздите на сегашноста одлучува не само за иднината на една земја, туку и за нејзиното минато.“ – вели д-р Васко Шутаров во својата колумна со наслов „Сѐ се враќа, сѐ се плаќа!“, која ја објави информативниот портал „Република“. Шутаров е поранешен пратеник од ВМРО ДПМНЕ, дипломат и поранешен директор на македонскиот Културно-информативен Центар во Софија.

Покрај другото, во својата колумна Шутаров пишува: Постојат и такви апсурдни времиња на владеење во кои властите не умеат да се носат ниту со паметењето, ниту со сеќавањето, ниту со сегашноста, а уште помалку со минатото, или со иднината. Таквите власти, кои ништо не научиле, ниту од сопствената историја ниту од модерните светски трендови, се осудени на пропаст и најчесто нивното владеење најмногу ги чини нивните народи и нивните граѓани – и тоа долгорочно! Македонија во моментов доживува токму такво анахроно владеење, затоа што е со светлосни години далеку од какво било модерно практикување политичка власт и, што е уште пострашно, со светлосни години е далеку од себеси, од своето минато, од својата сегашност и од својата иднина!

Веќе немам ниту трошка илузија дека од оваа власт ќе доживееме празнување и чествување на јубилејни државни настани и личности кои заеднички ќе ги славиме и со кои ќе го негуваме и обогатуваме нашето културно сеќавање или дека ќе вложиме некакви напори во заштитата на своето културно наследство, бидејќи во него се фрлаат трошки од едвај симболични 15-17 % од неопходно потребните средства. А во сеќавањето на значајни настани и јубилеи на поединци, како и во заштитата на културното наследство се положени темелите како на културниот идентитет, така и на државотворниот капацитет на секој народ и секоја држава.

Годинава во која веќе влегуваме, да имавме Влада и држава, која не е препуштена на сопственото себезаборавање, ќе славевме, ќе чествувавме и со пиетет ќе се потсетувавме на: 120-годишнината од Илинденското востание и 120-годишнината од излегувањето од печат на „Македонцките работи“ од Крсте П. Мисирков, 130 години од основањето на Македонската револуционерна организација, раѓањето на десетици првоборци и народни херои од Втората светска војна, ќе ги славевме јубилеите поврзани со името и делата на Панко Брашнаров, на Кочо Рацин. Ќе имавме барем секој ден по некој добар повод за културно сеќавање, за славење на добрите стари и трајни вредности, од кои добрите и перспективни народи и држави вечно учат, ги надградуваат, ги негуваат, а преку нив се образуваат, постојано се преобразуваат и напредуваат!

Прескапо ќе нè чини што и годинава, петта таква по ред, властите доброволно се откажуваат од официјална државна програма за чествување јубилејни настани и личности од својата историја. Не постои поголема цена што може да ја плати еден народ и една држава од онаа, која ќе стаса за наплата по така долготрајно и толку систематско културно (само)заборавање! Ќе го отплатуваме овој долг кон нашите предци и ние и нашите идни генерации, уште многу долго! Бидејќи сѐ се враќа и сѐ се плаќа!
.