Штрајк за повисоки плати во МАНУ

Платите на стручно-административните и техничките работници во МАНУ во просек изнесуваат „малку повеќе над минималната плата во државата“ и воопшто не се зголемени во последните 15 години, поради што вработените во Секретаријатот и во стручните единици на Македонската академија за науки и уметности (МАНУ) од денеска стапија во штрајк.



Во соопштение до јавноста тие велат дека штрајкот произлегол поради незаинтересираноста на Претседателството на МАНУ да ги реши нивните проблеми.

„Во овој период, во повеќе наврати, се обидовме да изнајдеме решение за зголемување на платите, но досега не наидовме на разбирање кај Претседателството на МАНУ. За жал, Претседателството на МАНУ, а исто така и другите академици, не покажаа нималку загриженост за состојбата во која се наоѓаме, вешто избегнувајќи одговорност за преземање конкретни дејства за решавање на нашите основни егзистенцијални потреби“, велат вработените кои стапија во штрајк.

Во соопштението тие напоменуваат дека академиците немаат статус на вработени лица во МАНУ, туку тие добиваат академска награда, на месечно ниво, со која им се оддава општествено признание за нивната дејност во областа на науката и уметноста.

Ова е првпат во 56-годишното постоење на МАНУ вработените во Секретаријатот и стручните единици да стапат во штрајк.