Авторот е универзитетски Професор во Анкара, Турција.
Прв дел
Војната во Украина е конфликт помеѓу големите сили, САД и Русија каде исходот односно победниот ќе го трасира патот на развој на новиот светски поредок. Дополнително, конфликтот е егзистенцијален, а тоа остава простор за донесување на неетички одлуки со глобални последици. Затоа исклучително е важно да се редефинира значењето на термините победа и пораз.
Целта на оваа анализа е да иницира дискусија за значењето на овие два термини. Исто така, многу е важно пристапот кон оваа тема да биде непристрасен и професионален бидејќи исходот ќе го одреди развојот на новиот светски поредок. Војната во Украина е конфликт помеѓу големите сили, пред се САД и Русија. Причината е меѓусебниот конфликт на перцепции (минатата година пишувавме на оваа тема) за моменталниот светски поредок, балансот и контролата на моќ.
Иако војната е во Украина, е многу километри оддалечена од границата на САД, оваа војна стана егзистенцијална во моментот кога се одлучија логистички да ја поддржат Украина за да се спротивстави на Руската инвазија. Целта е одбраната на либералната демократија и слободниот свет. Од друга страна, Русија одлучно се спротивстави на ширењето на либералната демократија и проширувањето на НАТО со Украина.
Многу е важно да се напомене дека одредување на концептот на победа или пораз во војната во Украина е комплексен и мултидимензионален концепт кој не може да се сведе на еден или два фактори или исходи. На пример, да се постигне воена супериорност, можеби не е доволно да се осигура долготраен мир или успешно да се наметне идеологијата и системот на победникот. И обратно, доколку се постигне долготраен мир не значи дека едната страна „победила“ во конфликтот.
Други дискусии на темава…
Отприлика еден месец претходно, иницирав дискусија на оваа тема со професорот Александар Стаб (препорачувам да ја изгледате неговата анализа) од Школата на Транснационално Владеење од Универзитетот во Фиренца, кој воедно е поранешен Премиер на Финска. На прашањето како тој ќе ги дефинира победа или пораз во војната во Украина, тој вели дека е едноставно: „Победа е ако се турне Русија на позиција пред 2014 година. Нерешено е ако се остане на позицијата пред 22 Февруари 2022. Секој друг исход е пораз!“
Земајќи го предвид моето борбено искуство од два конфликти во кои активно сум водел операции не можам да се сложам со неговата дефиниција за „победа“, но се сложувам со опцијата за „нерешено.“
Не се сложувам со: прекумерно поедноставување доколку „победа“ би биле позиции пред 2014 година. Еве зошто: Прво, геополитичкиот контекст не е ист како во 2014 година. Второ, доколку тоа би било „победа“ зошто ниту една Западна земја не се спротивстави на Русија кога го анкетираше Крим во 2014-та? Односно Западот воопшто не креираше услови за обезбедување на овој тип на победа.
Многу се поделени мислењата на експертите на оваа тема. Едни велат дека се чекало Украина да се опреми и обучи, и сега било времето да се пресметаат со Русија. Ваквите анализи се губење време! Други пак велат, Западната пасивност од 2014 до 2022 година може да се гледа како стрпливо чекање на вистински момент да се вовлече Русија во војна за да толку многу внатрешно ослабе за да биде во ист статус по Студената војна. Трети велат дека Западот се справуваше со терористички напади и не можеше да делува глобално. Сметам дека нема оправдувања кога треба да се сочува глобалниот мир.
Се сложувам со: опцијата за „нерешено“, да се остане на позициите пред 22 Февруари 2022, делува реално и оттука може да се градат реални позиции за можниот исход. Се сложувам со едноставна причина, бидејќи сметам дека залудно ќе зборуваме за пораз или победа доколку Украина толку многу се разруши и има голем број на цивилни жртви!
САД не може да изгубат ништо, само прашање е како ќе го интерпретираат исходот кој ќе обезбеди спречување на тотално разрушување на Украина. Немаат никаква потреба да се докажуваат дека имаат воена доминација, тоа веќе е докажано. Оттука секое спуштање на ниво на Русија, воено да се пресметаат не носи бенефит за никого!
Русија може да изгуби многу иако успее да ги анектира Луганск, Донецк и Крим бидејќи владеење преку страв не е глобално лидерство, ниту ќе обезбеди баланс на моќ кој ќе биде прифатен од останатите големи сили, посебно од САД.
Во таа насока, ќе ги анализираме кои се клучните политички, идеолошки, економски, стратегиски, дипломатски фактори за кои големите сили ги обезбедуваат, манипулираат, прилагодуваат според потребите на дефинирање на пораз или победа. Овие фактори секако се комбинирани со единствен принцип, а тоа е: перцепцијата е важна! Како тие сакаат другите актери нив да ги гледаат и како тие гледаат на геополитичката средина и актерите!
Клучни фактори кои ги дефинираат победата или поразот
Концептот на дефинирање на победа или пораз во конфликтот помеѓу големите сили кои се натпреваруваат за глобално влијание и контрола е комплексен и мултидимензионален бидејќи зависи од нивните целите, стратегиите и ресурсите на завојуваните страни, како и разбирање на поширокиот геополитички контекст. Исто така, традиционалната дефиниција за одредување на овие фактори не е корисна бидејќи се зависи од нивната перцепција на геополитичките услови.
Така, воениот фактор во конвенционална смисла значи одлучна воена доминација врз противникот која ќе обезбеди контрола на клучна стратешка територија или локација. Во таа насока, контрола на територија може да значи повеќе како средство отколку крајна цел. Во Украина, воена доминација треба да се гледа како средство за постигнување на друга цел, како присилба за повлекување или притисок за прифаќање на мировен договор. Оттука сметам дека испраќањето на тенковите во Украина имаат за цел да ја притиснат Русија да се откаже од понатамошна анексија на Украинска територија. Но, бидејќи се работи за конфликт помеѓу големи сите, кои се бесконечни играчи, моментална воена победа не е доволна за постигнување на долготрајна победа врз голема сила, САД или Русија.
Политичко-идеолошки фактор ја дефинира победата врз противникот со наметнување на сопствениот идеолошки систем на управување. За двете страни, САД и Русија овој конфликт е егзистенционален бидејќи доколку победи Русија, ќе значи потврда дека либералната демократија не може да се справи со постоечките проблемите, а пред се не може да создаде услови за враќање на доверба во демократијата која рапидно опаѓа. Доколку победи САД, тоа ќе биде уште една победа над авторитарните режими.
Но сепак останува прашањето како ќе се справи со веќе постоечките проблеми во либералниот свет пред војната во Украина како сиромаштијата, губење доверба во демократијата, пораст на популизмот…листата е долга, за жал.
Дипломатски фактор е клучен во контрола на меѓународниот систем и глобална доминација. Искрено, за момент да замислиме дека Русија победила во Украина. Што би било добила? Таа нема никаква историја на градење коалиции или помагање на други држави како тоа што го прави САД. Како мерка на мерливост дали Русија може да парира дипломатски на западниот свет, доволно е да го погледнете развојот на земјите и регионите околу Русија и се ќе ви биде јасно.
Економскиот фактор може да ја дефинира победата доколку се постигне економска слабост и ограничување на ресурси кај противникот. Во таа насока, економските санкции и глобалната економска изолација дефинитивно ќе има рефлексија врз Руската економија бидејќи бизнисите на малите и средните претпријатија кои се двигатели на локалната економија веќе трпат сериозни последици.
Стратешкиот фактор, победата ќе ја дефинира преку постигнување и контрола на баланс на моќ и доминантна глобална позиција. Една од целите на Русија е да се докаже како глобална сила еднаква на САД. Таа сага доаѓа од нивната перцепција дека се компетитивни на САД и очигледно се подготвени на се да го докажат тоа. Од друга страна, фактичка реалност која не може да ја негираме е дека САД од крајот на Студената Војна со потценување ја гледа Русија.
Во исто време САД го контролираше меѓународниот систем на кој Русија се спротивставуваше. За да го задржат приматот, очигледно подготвени се да направат да ја поразат Русија.
Во ваква комплексна испреплетеност на фактори, цели и стратегии водени од сопствената перцепција во однос на другите, победата и поразот не може да се дефинираат традиционално, туку треба да се гледаат како средство за постигнување на одредена цел. На пример, во Украина, постигнување на долготраен мир може да се смета за победа иако не резултира со јасна воена или политичка надмоќ на една од засегнатите страни.
Во следната колумна, анализа на двете односно трите страни, Украина, Русија и САД со нивните позиции за победа или опции за избегнување на пораз.






