Дали цената на горивата ќе се менува „на дневно ниво“?

„Да не ги плашам граѓаните, но еве јас имам некои информации дека бензините можно е да поскапат повторно за уште 10 денари“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски во емисијата „Што не е јасно“.



По вчерашното досега најголемо зголемување на цената на дизелот за 10 и на бензините за 5,5 денари, од РКЕ најавија дека поради постојаниот скок на цените на нафтата поради војната во Украина, не е исклучено цените да растат и почесто, за разлика од досега кога корекција имаше еднаш во неделата.

„Поради сложената геополитичката состојба која се одразува врз цената на енергенсите, а со цел да се обезбеди сигурност и стабилност на пазарот со нафтените деривати и да се заштитат потрошувачите од големи ценовни осцилации, од сега натаму РКЕ ќе носи одлуки на дневно ниво за цени на нафтени деривати, доколку берзанските цени имаат значителни промени.

Овој принцип ќе се применува секогаш во состојби на екстремни дневни промени на берзанските цени“, изјави синоќа претседателот на РКЕ Марко Бислимоски..