Што сте запнале за Мерко, каде ви е обвинителот Јовески?!

Не бев сигурен дека бев сосема во право кога пред некој ден напишав дека целата работа околу американскиве „црни листи“, барем што се однесува до Македонија, сепак е само хипокризија.



Но еве, тоа што сега некои се обидуваат да прикажат дека „оцрнувањето“ на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко било некаков еталон за борбата против корупцијата во Македонија, ми ги отстранува сите дилеми.

Нема ништо од вистинска борба против корупцијата во оваа земја, драги мои!

Институциите меѓу себе водат јалови полемики за тоа кој поднел претставки против контроверзниот стружанец, кој не ги примил и зошто. Се дебатира кој требало да му поднесе пријава или обвинение. Се бараат стари пријави и обвиненија во некакви скриени долапи во локалните обвинителства. Читаме деманти, контрадеманти и меѓусебни обвинувања за тоа кој пропуштил да реагира и зошто.

Тешки глупости!

За да биде манипулацијата уште поголема, пропагандистите на СДСМ се обидуваат на „оцрнувањето“ на Мерко да му дадат некакво скриено значење, кое што тие и само тие можат да го „дешифрираат“ и да откријат за кого била пораката и што значела таа.

Какви недоветни спинови!

А Мерко на сите им одржа лекција. Седнал човекот и на Фејсбук напишал дека од претседателот Вудро Вилсон до денес, САД биле наш сојузник. И дека тој (Мерко) секогаш ја поддржувал „континуираната американска поддршка за нашата земја и граѓаните на Струга“. Кој знае што би било без таа поддршка. Од Мерко, мислам. И на крајот, човекот објавил и фотографии со американската амбасадорка Анџела Агелер.

Шлаааап!

Е тука, обаче, порака има. И тоа прилично незгодна.

Ајде сега, сдсмовски шамани, обидете се да протолкувате што сакал Мерко да ни каже со објавувањето на тие фотографии!

Јас мислам дека не треба да си многу паметен за да сфатиш дека стружанецот од ДУИ на сите од својата сорта им порачува дека се ама баш исти како него и дека затоа сите имаат исти или слични слики со амбасадорката Агелер. А таа, како што е општо познато, нели, е најголемиот борец против корупцијата во нашата земја.

Овој човек, во чиј лик, според ломброзијанските стереотипи, се препознава нешто што би можело да се нарече криминоген сурат, на сите ни порачува – ако сум јас таков никаков, тогаш што бара Анџела до мене на сликиве?

Не е тоа сосема глупаво прашање. Не знаела ли американската амбасадорка баш ништо за обвинувањата на сметка на Мерко, за приказните за неговото фамозно „ауди“, за тоа дека за него се интересирале повеќе институции, меѓу кои и Управата за финансиска полиција?

Ако не знаела, проблем е тоа.

А ако знаела, а сепак решила да се слика, уште поголем проблем.

Како и да е, Рамиз Мерко сака да ни каже дека тоа што САД го ставиле на некаква „црна листа“ не е и не може да биде единица мерка на борбата против корупцијата.

Целата колумна на Бранко Героски за Плусинфо на следниот линк:

https://plusinfo.mk/shto-ste-zapnale-za-merko-kade-vi-e-obvinitelot-oveski/