Што сака ДУИ?

Почитувани колеги од ДУИ, на крајот една замолница: немојте да ги уривате сите мостови за соработка со неспорниот победник на следните парламентарни избори, кога и да се одржат тие

Политичката партија ДУИ, денес, на само еден ден пред големиот верски празник Рамазан Бајрам, испушти огромна количина отров кон партијата ВМРО-ДПМНЕ, со која, да се потсетиме, коалицираше во неколку влади во периодот 2008-2016 година. ДУИ обвинува дека, наводно, „ВМРО-ДПМНЕ секојдневно потврдува дека е фундаментално ориентирана против Албанците во нашата држава, против изградбата на Коридорот 8 и против интеграцијата во Европската Унија и стратешкото пријателство со Соединитетите Американски Држави“. Ова е можеби најтешкото од сите досега обвинувања упатени од страна на ДУИ кон ВМРО-ДПМНЕ.



Како универзитетски професор со стаж од близу 40 години, кој образувал неколку стотини и менторирал поголем број студенти македонски Албанци, долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен висок владин функционер во коалициски влади со политички партии на македонските Албанци, вклучително и на ДУИ, јавно го изразувам својот револт и згрозеност од ваквите паушални квалификации. Ги повикувам моите пријатели од ДУИ да се оградат од ваквите монструозни обвинувања кои не користат никому и дополнително го шират јазот на меѓуетнички план.

Прво, ВМРО-ДПМНЕ не е против Албанците во нашата заедничка држава. Во таква партија јас не би членувал ниту еден ден! Нашите дела од изминатиот период се потврда за ова тврдење. Не сакам да зборувам во прво лице еднина, но ќе си дозволам тоа да го направам со неколку реченици. Албанците како народ кон изразената поддршка и почит одговараат повеќе од пропорционално. Тоа сум го почувствувал многупати до сега. Беше голема чест кога неодамна во рамките на прославата 20 години од формирањето на Универзитетот Југоисточна Европа (Штулов универзитет) добив плакета, а во официјалната публикација на универзитетот по тој повод се најдов меѓу тројцата најзаслужни луѓе за основање на универзитетот, заедно со господата Арбен Џафери и професорот Гале Галев, своевремено министер за образование во Влада на РМ.

Во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ е донесена значајна законска регулатива и се создадени услови за значително унапредување на правата на албанската заедница во Македонија – од Законот за високото образование во 2000 година, Охридскиот рамковен договор, Закон за јазиците и мноштво други закони. Ние го дигаме гласот против секојдневните провокации од страна на поедини функционери од албанска националност кои ги повредуваат чувствата на мнозинската заедница во Република Македонија.

Второ, не сме против изградбата на Коридорот 8, како што обвинуваат од ДУИ! Дури лично имам интерес за што поскоро автопатско решение на оваа делница. Ние сме против насилството кое одредени функционери на ДУИ го манифестираат од самиот почеток на изведба на овој стратешки проект. Ако ДУИ ги следат забелешките на голем дел од стручната и пошироката јавност во врска со активностите на овој план, листата на „противници“ би била бескрајно долга. Се изнесоа бројни забелешки и критики во јавноста. Ја користам оваа прилика да изразам личен став и скепса кон одредени аспекти на проектот. Како и претпоставувам многумина, силно ме заболе изјавата за овој коридор што во декември минатата година ја изнесе господинот Али Ахмети кој кажа дека се отстраниле сите пречки за изградба на „прстенот на нацијата – Скопје-Тирана-Приштина“. Нема потреба од коментар за оваа великоалбанска провокација!

Целата колумна на Трајко Славески на следниот линк:

https://plusinfo.mk/shto-saka-dui/