Иако СДСМ официјално преку соопштение најави дека до Илинден граѓаните ќе можат да здивнат од политичките активности на партијата и лидерот Заев кој замина на одмор, сепак денеска од засега непознати причини тој се врати на политичката сцена.
Во интервју за А1ОН зборуваше токму за политички активности за кои неговата партија најави пауза во јавноста најмалку до 2 август.
„Претседателот Заев од утре ќе користи неколку денови годишен одмор кој ќе го мине во државата. Имајќи го предвид изминатиот период исполнет со корона криза и предизборни кампањи, СДСМ се залага во деновите до и околу Илинден граѓаните да може да здивнат од политичките активности на партиите. После Илинден, согласно законските рокови, влегуваме во процес на дефинирање на владината коалиција водена од СДСМ“, пишуваше во партиското соопштение објавено пред 5 дена кое веќе денеска е неважечко.
Зошто СДСМ и Заев се откажаа од сопствената заложба за политичка пауза до Илинден има повеќе можни одговори.
Според информации на добро информиран тетовски новинар кои ги пренесува екс амбасадорот Арсим Зеколи причината за враќањето на Заев со нови политички активности се должи на неговата нервоза да го убеди Али Ахмети да се откаже од барањето за Албанец премиер како предуслов за формирање влада меѓу СДСМ и ДУИ.
Според Зеколи Заев е нервозен и поради неуспешниот обид на Ахмети да влијаат неговите партнери во Тирана и Приштина кои го одбиле со образложение дека не сакаат да се мешаат во формирањето на новата македонска влада.
Други информации објавени на социјалните мрежи преку неименувани дипломатски извори кои не се потврдени јавно велат дека пропаднал и обидот на Заев во убедувањето на Ахмети да вклучи неколку западни амбасади во Скопје.
Изворите тврдат дека амбасадорите најавиле стоење настрана од процесот на формирање на владеачка коалиција за да не остават било каков простор за обвинувања дека некој од надвор се меша во македонските внатрешни работи и диригира со процесот на формирање на Владата.
За луѓе од раководството на СДСМ ваквото однесување на дел од стратешките партнери од ЕУ и НАТО кои одбиваат да му помогнат на Заев да формира нова влада е “предавство на човекот кој со Преспанскиот и Бугарскиот договор донесол стабилност во регионот” .





