Само два дена по својот крик против канонизирањето на Кирил Пејчиновиќ во светец од Македонската православна црква – Охридска архиепископија, бугарскиот историчар Пламен Павлов одново скокна против „браќата“ од Македонија, овојпат за почнатата законска процедура за измени во законот за фондации, со кои клубовите „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид ќе мора да се преименуваат.



„Што е скандалозно со Иван Михајлов, кој целиот свој живот го даде за слободата на поробените Бугари, а не само на Бугарите во Македонија? Што е скандалозно со царот Борис Трети, кој е познат како обединител и кој беше еден од најпопуларните личности во Македонија во тоа време?“, прашува професорот од Факултетот по историја на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Велико Трново.

Според него, доволно е да се погледне колку луѓе во Македонија го носат името Борис, иако ја негираат нивната врска со царот што беше сојузник на Адолф Хитлер во Втората светска војна.

„Дури и една соодветна статистика покажува дека Борис Трети не е ни толку спорна личност. Во крајна линија, тој е симбол на Бугарија и на националното обединување“, објаснува Павлов за бугарскиот портал „Актуално“.

Самиот законски проект на ВМРО-ДПМНЕ тој го оценува како „уште еден акт на недобронамерност кон Бугарија, на нарушување на елементарните човекови права, на европските принципи и на Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година“.