Од штурото соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не може да се разбере што е тоа што го омекна ставот на високиот американски претставник Филип Рикер кој вчера по средбата со Заев грубо ја обвини опозицијата за неконструктивност за Законот за СЈО а потоа го промени пристапот и ги прозва сите партии за играње политички игри.
По средбата со Христијан Мицкоски, Рикер не збпруваше само за опозицијата туку за сите партии вклучително и СДСМ и ДУИ.
„САД ќе продолжат да ја поддржуваат Македонија, но на силите во оваа држава е да ја направат вистинската работа, да не играат игри и конструктивно да се придвижат заедно напред за иднината на земјата“, изјави Филип Рикер, в.д. помошник државен секретар на САД кој рече дека имал искрена и отворена средба со Мицкоски.
Рикер во изјавата вели дека ги испратил истите пораки како утрината кои за разлика од утрото, попладнето ги упати до сите партии а не само на една.
Високиот американски дипломат вчера наутро по средбата во владата упати многу директна порака до опозицијата околу носењето на законот за Јавното обвинителство, велејќи дека е време опозицијата да се приклучи во процесите кои ќе ја придвижат земјата напред.
„Во секоја вистинска демократија улогата на опозицијата е клучна, но опозицијата мора да биде конструктивна. Времето за политички игри, истакнување и играње со перспективите и идеите на граѓаните е поминато. Мојата порака ќе биде едноставна: Време е да се приклучи за да е придвижат работите за земјата“, рече Филип Рикер, в.д. помошник државен секретар на САД.
Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ не открива детали од средбата на Мицкоски со Рикер упатувајќи на соопштението кое го издаде партијата по средбата.
Случајно или не вчера попладне Заев се согласи да го разгледа предлогот на Мицкоски за нов закон за СЈО.





