Еден детаљ од потпишувањето предизборна коалиција меѓу Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Движењето Беса не само што не помина незабележано, туку и наметна повеќе логични прашања околу целта и смислата на „сценографијата“.
Лидерите на двете партии Зоран Заев и Билал Касами го ставија својот потпис на договорот пред знамињата на Европската унија, на НАТО и на Албанија, покрај македонското. И тоа „само“ по четири од сите.
Дали истакнувањето на знамињата на ЕУ и на Северноатлантската алијанса е со нивно знаење и одобрување? Ако одговорот е потврден, значи ли тоа дека тие зазеле страна пред парламентарните избори во Македонија на 12 април?! Ако е негативен, тогаш станува збор за обична злоупотреба на нивните знамиња за партиски цели, со намера да се остави впечаток дека (само) СДСМ и Беса се за ЕУ и за НАТО, односно дека двете партии би биле најдобрите соработници на „меџународната“ во земјава. Четврто нема.
Конечно, која беше намената на албанското знаме? Да ги претстави Беса и нејзините членови и симпатизери? Беса ќе учествува на избори за членови на парламентот на Македонија и(ли) на Албанија?! Или можеби СДСМ се амбицирал да „трча“ на избори во Албанија?! Имајќи ја предвид доследноста на несудениот нобеловец, ниту една претпоставка не би требало да се отфрли априори. Додека го диши овој македонски воздух…
А да не ветил Заев нови концесии за Албанците, па на овој начин сака да му го сигнализира тоа на гласачкото тело на најбројното малцинство во Македонија? Или, пак, е уверен дека ќе го импресионира македонскиот електорат со својата отвореност за инсигниите на другите, откако им го „забетонира“ идентитетот на Македонците? До балчак.
Многу прашања без одговор од прозваните. Да не се загубиле во преводот, со оглед на тоа дека на обнародувањето на коалицијата едниот се обрати на македонски јазик, а другиот на албански? Или можеби на Заев му се допаѓа иконографијата на партиите на Албанците од Македонија при јавните настапи, па реши(л) да ја примени и за неговата партија? Ако не му пречеше да спроведе најголем дел од Тиранска платформа, зошто па да не го копира и тоа?
Конечно, зарем едната и(ли) другата партија не претендираат ама баш на ниту еден глас од Турчин, Ром, Албанец, Бошњак, Влав, Србин? Кај се и нивните знамиња? Или Македонија за СДСМ и за Беса е бинационална држава, во која останатите етнички заедници се само статистичка грешка?
Заев си знае. Негов избор. Само, му се поткраднала една „ситница“. Кај му е, да му се сневиди, знамето на – САД???
Цело е кога има сè…





