Верувале или не, излегува дека „Пуцко Петрол“ ќе го кредитира скопското јавно сообраќајно претпријатие. Зошто? Оти никој друг не се нафатил да даде понуда и да го снабдува ЈСП со 14.500 тони дизел горива со рок на плаќање до 90 дена!
ЈСП Скопје, најголемиот јавен превозник во Македонија, склучи договор за набавка на 14.500 тони дизел горива за своите над 500 автобуси кои сообраќаат на 94 градски и приградски линии на територијата на Град Скопје.. Снабдувач на скопското јавно претпријатие е „Пуцко Петрол“.
Вредноста на тендерот е до 26,9 милиони евра кои ЈСП не е должен да ги купи во целост, а „Пуцко Петрол“ нема право да тужи за тоа доколку целата колични не биде нарачана.
Но тоа не е најважниот детал од овој голем тендер! Интересно е тоа што „Пуцко Петрол“ е единствен понудувач на оваа јавна набавка. А зошто е тоа така? Првата помисла е дека „работата е наредена“. Но внимателното читање на договорот кој е достапен на следниот линк https://e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx#/dossie-acpp/c5d53452-69b6-410e-9829-cce92c404e74 води кон сосема друг заклучок.
Клучната причина заради која никој друг не конкурирал на овој тендер е предвидена во првиот став на членот 5 кој предвидува дека купувачот може да плати во рок и до 90 дена од денот на добивање на фактурата.
Ова укажува на заклучок дека „Пуцко Петрол“ ќе биде не само снабдувач туку и кредитор на скопски ЈСП. Значи дека ќе треба да го чека и до 90 дена за да наплати фактура за сукцесивна испорака на дизел горива кои се неопходни за да возат автобусите.
Ова е деловна, легитимина и легална одлука на сопственикот на „Пуцко Петрол“ исто како што се и ризиците кои ги превзема неговата компанија од деловниот однос со ЈСП Скопје.
Особено сега кога уште се актуелни впечатоците од последниот штрајк во тоа големо јавно претпријатие. Кога за прв пат во историјата на скопскиот јавен превоз се случи автобусите да не возат на редовните градски и приградски линии заради штрајк на возачите кои немаа добиено две плати.
Очигледно дека овој ризик од ликвидносната способност на ЈСП го антиципирале и конкурентите на „Пуцко Петрол“ кои се трговци со нафтени деривати и н прифатиле да имаат деловен однос со субјект кој ќе плаќа до 90 дена, а при тоа има реална и неизвесна ликвидност, најблаго речено.
„Пуцко Петрол“ и традиционално е снабдувач на ЈСП Скопје, а воедно е и еден од најголемите снабдувачи со нафтени деривати на јавни претпријатија, државни акционерски друштва, министерства и органи во состав на државата.
Извор: Фактор.мк





