Што барало ,,Ауди” на синот на заменикот на Спасовски во два пати ограбената и затворена фабрика за марихуана (ТВИТ НА ДЕНОТ)

Што барало ,,Аудито” кое се води на синот на заменикот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во два пати ограбената фабрика за марихуана во крушевско е прашањето кое се наметнува откако на Твитер се појави фотографија од возило паркирано пред објектот кое според банкарски документи го вози синот на заменикот министер за внатрешни работи Назиф Буши.



За целата ситуација да биде уште поинтересна треба да се знае дека за првата кражба на масло од марихуана во оваа фабрика во близина на Крушево е осомничен Тахир Садики инаку близок роднина на истиот заменик министер за полиција Буши.

За првата кражба кривично се гони уште еден син на познат и влијателен македонски граѓанин.

Тој е екс директор на фабриката за марихуана а е син на долгогодишниот политички советник во Американската амбасада во Скопје Митко Бурчевски.

Иако процесот против роднината на заменик министерот Буши и синот на Бурчевски почна пред повеќе од 24 месеци се уште нема правна разврска за кражбата на масло од марихуана вредна милиони.

Пет дена по новата кражба во фабриката која е во стечај а која ја чувала фирмата за обезбедување Никоб нема детали кој и како успеал да го украде маслото од марихуана кое официјално чини 2 а според некои тврдења вредно и до 5 милиони евра.

Засега нема информации дека Јавното обвинителство ги повикале таткото заменик министер и синот чие возило било паркирано пред фабриката да објаснат дали имаат врска со местото од каде се украдени големи и скапи количини на марихуана во два наврати.

Буши по првиот случај кога беше осомничен негов роднина рече дека сите што сториле криминал треба да се гонат лично затоа што одговорноста не е роднинска туку само лична.