Од Јавното сообраќајно претпријатие реагираат на текст објавен во „Експрес.мк, во кој, како се вели, биле изнесени груби невистини.
„Во објавениот текст “За само една година ‘квалитетните’ и ‘штедливи’ автобуси на Шилегов не чинат нови 377 илјади евра” потпишан од Милош Милошевски, објавен на “iNFOMAX.мк” изнесени се груби невистини при што авторот се повикува на склучен договор кој (не)намерно го толкува на начин со кој на јавноста и пренесува лажна слика за работата на ЈСП Скопје, односно Град Скопје.
Доволно е елементарно познавање на проблематиката за да од склучениот договор се пренесе вистината и фактичката состојба за набавката.
Ви укажуваме и појаснуваме дека предмет на набавка се резервни делови и материјали за одржување на автобуси МАН за време на гаранциски период во случај кога штетата е настаната од страна на трети лица (сообраќајна незгода), кои делови или материјали се покриваат од страна на осигурителна компанија.
Имено, во случајов, ниту Град Скопје ниту ЈСП Скопје нема да потрошат ни цент од буџетските средства, односно пари на граѓаните, а не пак 377 илјади евра!
Средствата ќе бидат покриени од страна на осигурителните компании и тоа преку каско осигурување или А/О, односно народски кажано со европски извештај.
Инаку, ЈСП Скопје после една година од пуштање во употреба на новите МАН возила, веќе регистрира придобивки од нивното користење од повеќе аспекти, а пред се бенефитот го чувствуваат корисниците на јавниот превоз“, се вели во реакцијата од ЈСП.







