Шредер: САД не ѝ дозволија на Украина да ги продолжи преговорите со Русија минатата година

Америка не ѝ дозволи на Украина да ги продолжи мировните преговори со Русија минатата година, изјави поранешниот германски канцелар Герхард Шредер.



Во интервју за „Берлинер цајтунг“ тој објасни дека украинската страна, на чело со Рустем Умеров, на мировните преговори во март 2022 година во Истанбул не се согласила на мир бидејќи тоа не ѝ било дозволено.

Шредер додаде дека Украинците биле принудени прво да разговараат со Вашингтон за сите прашања поврзани со мировните преговори со Русија и оти во тоа време Киев бил подготвен да се откаже од членството во НАТО и да разговара за Крим.

„Но, на крајот ништо не се случи. Мој впечаток: ништо не можеше да се случи бидејќи сето останато беше решено во Вашингтон“, изјави Шредер.

Тој оцени дека европските дипломати не успеале во посредништвото за постигнување мировен договор меѓу Русија и Украина.

„Како резултат на тоа, Русија сега ќе има поблиски односи со Кина, што Западот не требаше да го дозволи“, смета Шредер.