Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, вели декаРусија сака преку преговори да биде окончана војната во Украина, а минатомесечниот договор за испораки на жито може да биде чекор во таа насока.
„Добрата вест е дека Кремљ сака решение преку преговори. Првиот успех е договорот за житото и можеби од него полека да може да произлезе и прекин на огнот”, изјави Шредер за неделникот „Штерн” и „РТЛ”, наведувајќи дека минатата недела во Мосвка се сретнал со рускиот претседател Путин.
Шредер оценува дека решенијата за клучните проблеми како што е Крим може да се најдат со тоа што ќе се дозволи да мине одредено време, како и дека „можеби нема да бидат потребни повеќе од 99 години како во случајот со Хонг Конг, туку дека решението ќе се најде во следната генерација”.
Тој наведе дека наместо влез во НАТО на Украина може да и се понуди неутралност по австрискиот модел.
Шредер кој беше германски канцелар од 1998 до 2005 година, ја критикуваше војната во Украина, но одби да го осуди Путин кого сè уште го нарекува близок личен пријател.
По интензивните критики тој во мај поднесе оставка на позицијата во управниот одбор на руската државна нафтена компанија „Роснефт” и ја одби номинацијата за место во управниот одбор на „Гаспром”.







