Потегот на Ванчо Димовски во 17. минута, кога со шрауба го изненади голманот Мартин Томовски и предизвика бура од одушевување на исполнетите трибини на арената „Борис Трајковски“ во Скопје, стави печат на ракометниот спектакл меѓу репрезентацијата на Македонија и поранешните репрезентативци.



Актуелните членови на националниот тим славеа со 25:21 во својот прв натпревар годинава од подготовките за претстојното Светско првенство во Полска и во Шведска, но играта остана во сенка на дружењето меѓу актуелните и некогашните ракометни миленици на нацијата.

Вторите добија врамени дресови со нивните презимиња во знак на почит за настапите за Македонија на големите натпреварувања, а му беше оддадена почит и на починатиот член на Стручниот штаб при освојувањето на историското петто место на Европското првенство 2012 во Србија, Андон Бошкоски.

Ракометно-музичкиот настан за паметење беше заокружен со менување на улогите, па Бранислав Ангеловски засвире на гитара, а Томовски запеа, на задоволство на публиката, која преку купените влезници придонесе за хуманитарната цел – финансиска поддршка за СОС „Детско село“.

Спектакуларната шрауба на Димовски, која му го донесе и признанието за МВП на средбата, на линкот:

https://www.gol.mk/rakomet/site-se-fatija-za-glava-dimovski-svrten-so-grb-dade-gol-za-neveruvanje