Шпионски игри: Зошто 14 месеци немало внатрешна контрола во најмоќната македонска тајна служба

Изминативе месеци се случува силна битка во рамки на безбедносните структури во Македонија. Таа битка не е целосно позната на јавноста од две причини , прво економската криза како и односите со Бугарија се толку големи теми што не оставаат простор за други теми и второ безбедносните структури и служби по правило се подалеку од очите на јавноста. Но под површината битката е многу силна, многу интензивна, пишува Александар Николоски, потпретседател на ВМРО ДПМНЕ, пренесува Радио Лидер.



,,За жал Македонија има неславна историја со безбедносните служби кои скоро и да нема Влада до сега која не ги злоупотребувала. Најчесто се работи за следење на политичкиот противник, прислушување, како и притисок врз бизнисот. Ниедна од овие три не е опис и попис на работата на службите, но досега често се случувале, односно многу често и АНБ ( поранешна УБК) како служба свртена кон внатре во државата и АР како служба која работи надвор од државата се злоупотребувани во лични, партиски и бизнис интереси.

Сепак она што е феномен на најновиот судир е дека тоа е судир во рамки на власта и во рамки на една политичка партија- СДСМ. Барем досега службите без разлика на кого служеле и како биле злоупотребувани покажувале монолитност. Овој пат не е така. Постојат најмалку три фракции во рамки на СДСМ кои се борат за превласт. Две се насочени кон АНБ (УБК), а третата е кон АР. Онаа кон АР е блиска на Стево Пендаровски што е и разбирливо имајќи предвид дека Претседателот именува директор на АР. Скоро и да не е тајна дека Агенцијата за разузнавање е во судир со многу луѓе од СДСМ кои се дел од безбедносниот свет.

Вториот судир е за контрола на АНБ. Реформите на АНБ кои се предвидени со законот за трансформација на УБК во АНБ од 2018 и кој закон го подржа и ВМРО ДПМНЕ во надеж дека ќе се спроведе и конечно ќе дојде до реформа во “тајната полиција”, останаа само празно слово на хартија затоа што не се спроведоа во пракса. Службата остана партизирана и во корист на власта, без разлика што промени име, не промени ништо друго. Дури и физички сеуште е во рамките на МВР иако законот е јасен дека мора да се одвои од МВР за да нема политичко влијание.

Во моментов две крими крила во СДСМ се борат за превласт во АНБ. Според мене ова е најинтензивниот судир во тајните служби во Македонија од самостојноста до денес. Зошто се борат за превласт? За да можат да ги заштитат сега додека се на власт и да им ги покријат трагите за криминал, па така се случи кадарот на СДСМ, Виктор Димовски кој што од СДСМ беше предложен и стана директор на АНБ и од СДСМ сега е предлог за амбасадор во Франција да предложи кандидат за директор за внатрешна контрола што по сила е втор човек во АНБ. Согласно законот тој предлог треба да оди пред соодветната собраниска комисија и соодветната собраниска комисија да даде или да не даде дозвола секако откако ќе се расправа за предлогот. Пратениците од СДСМ ја бојкотираа комисијата односно воопшто не се појавија и не дојдоа на расправа што само говори кој е нивниот став во однос на предлогот и јасно оцртува две крила кој што ги има во разузнувачката заедница блиски до едни или други структури во рамки на власта и во моментот постои нескриена битка во рамки на власта за наследник на Виктор Димовски односно за директор на АНБ.

Тука има и друго прашање, зошто 14 месеци ова место во АНБ стоело празно, не се пополнило и зошто баш сега се дава предлог и како функционирала Агенцијата за национална безбедност без соодветна внатрешна контрола, но и се поставува прашањето од каде толку енергија за судир во разузнувачкиот свет внатре во власта и зошто е толку атрактивна Агенцијата за национална безбедност и одговорот е само еден, дека има сериозна намера да се злоупотребува работата на АНБ”, пишува Николовски.

Целиот став на Николовски на овој ЛИНК