Неколку часа по тешките дискусии за отворање на пристапните преговори со Украина и Молдавија, кои унгарскиот премиер Виктор Орбан ги одолжуваше со заканите дека ќе стави вето, решение најде германскиот канцелар Олаф Шолц.



Шолц му рекол на Орбан пред другите лидери дека ако навистина не е подготвен да се согласи, може да ја напушти просторијата за лидерите на ЕУ да можат да донесат едногласна одлука за проширување во негово отсуство, рекоа двајца официјални лица информирани за разговорите, дознава Politico.

Сепак, тој предлог не дојде спонтано, туку беше договорен во претходните дискусии, рече еден од официјалните лица.
Така, Орбан „моментно отсуствувал од просторијата на однапред договорен и конструктивен начин“.

Идејата дека лидерот на една земја од ЕУ треба да ја напушти просторијата за одлуката да биде едногласно прифатена од другите е крајно невообичаена.

Всушност, претставниците на ЕУ и дипломатите на самитот во четвртокот не можеа да кажат дали потегот на Шолц некогаш бил искористен.

„Тој користи стар трик од неговото време со младите социјалисти“, рече официјален претставник на самитот на ЕУ, мислејќи на младинската организација на Социјалдемократската партија на Шолц, чиј потпретседател во 1980-тите беше сегашниот канцелар.