Шолц од Атина изрази поддршка за европската перспектива на Западен Балкан

И двајцата сакаме да го промовираме пристапниот процес на земјите од Западен Балкан, порача германскиот канцелар Олаф Шолц на заедничката прес- конференција во Атина со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, веднаш по нивната средба.



Проширувањето на Европската унија беше една од темите за кои разговарале германскиот канцелар и грчкиот премиер, прашање за кое Шолц рече дека е особено важно за него, а била спомената, како европската перспектива на Украина и Грузија, така и на земјите од регионот.

– Исто така разговаравме, и ова е многу важно за мене, и за проширувањето на Европската унија, за интегративната перспектива на Украина и Грузија, но главно е прашањето за земјите од Западен Балкан. Перспектива што се отвори пред 20 години и тоа во Солун, кога им рековме на овие земји дека може да станат членки на ЕУ. И двајцата особено се обврзуваме и сакаме да го промовираме пристапниот процес на овие земји, рече Шолц.

Следната седмица, на 3 ноември во Берлин ќе се одржи Самитот за Западен Балкан, домаќин ќе биде токму германскиот канцелар Шолц, а ќе присуствува и грчкиот премиер.

На денешната заедничката прес-конференција Мицотакис и Шолц се осврнаа на низа теми како што е војната во Украина, енергетската криза, односите на Грција со Турција итн.

Пред средбата, грчкиот премиер и германскиот канцелар рано утрово го посетија Акропол.

Шолц пристигна синоќа во работна посета на Атина, директно од Париз каде што се сретна со претседателот на Франција Емануел Макрон