Нападот на Москва врз Украина минатата недела го поттикна канцеларот Олаф Шолц да преземе акција, што кулминираше со говорот во неделата кој беше наречен „историски“.
Шолц, кој е на функција само три месеци, зборуваше со извонредна јасност кога презентираше низа промени во одбраната и надворешната политика кои ветуваат дека ќе ја сменат повеќедецениската неподготвеност на Германија да го подигне својот воен профил.
„Украинската криза го смени канцеларот. А, сега тој ја менува нашата земја“, пишува Билд.
Обраќајќи се на вонредната парламентарна седница, Шолц ѝ порача на нацијата: „Во моментов сме во нова ера“.
Во земјата прогонувана од повоена вина, Шолц ги уверуваше Германците дека се „на вистинската страна на историјата“ како сојузници на Украина.
Меѓу најзначајните изјави беше ветувањето дека само оваа година ќе се издвојат 100 милијарди евра за модернизирање на хронично недоволно финансираната армија наречена Бундесвер, пишува во вчерашната анализа Франс прес.
Шолц, исто така, рече дека најголемата европска економија ќе се обврзе да троши повеќе од 2% од бруто домашниот производ на Германија годишно за одбрана, надминувајќи ја дури и целта на НАТО.
Претходно, неговата коалициска влада ја укина забраната за испорака на оружје за Украина и ја запре изградбата на гасоводот Северен тек-2 меѓу Германија и Русија. Овој потег беше дочекан со олеснување од САД и европските партнери, кои почнаа да ја доведуваат во прашање решеноста на Берлин да се спротивстави на Москва.
Некои набљудувачи шпекулираат дека можеби не е случајно што рускиот претседател Владимир Путин го одредил времето на неговата инвазија по заминувањето на канцеларката Ангела Меркел. Тој со Меркел имаше изграден работен однос врз основа на взаемно почитување и заедничка историја на животот во поранешната комунистичка Источна Германија.
Но, ако тој почуствува слабост во Берлин со новата влада, неговите радикални акции се чини дека го интензивираа не само Шолц, туку и нацијата како целина.
Неделникот „Шпигел“, кој претходно го опиша Шолц како „олицетворение на политичката здодевност“, го пофали канцеларот дека покажа „лидерство што недостасуваше во последните недели“.
„Шолц, кој често е реторички нејасен, не остави никаков сомнеж за неговата решителност“, пишува Шпигел.






