Прашањето не е дали ќе се одржи втор референдум за независност на Шкотска, туку кога, му соопштила шкотската премиерка, Никола Старџен, на британскиот премиер Борис Џонсон во телефонски разговор.
После победата на четвртите последователни парламентарни избори на Шкотската национална партија (СНП), која се залага за независност на Шкотска, Џонсон ги повика лидерите во Велика Британија на преговори за унијата.
Старџен во разговорот повтори дека нејзината намера е да ги увери луѓето во Шкотска дека можат да ја изберат својата иднина кога ќе заврши корона-кризата пренесува Скај Њуз.
Старџен смета дека гласовите на изборите докажаа дека второто гласање за независност на Шкотска е волја на земјата и дека секој политичар од Лондон кој ќе застане на патот ќе се соочи со демократската волја на шкотскиот народ.
Британскиот премиер Џонсон, како што претходно објави АП, е надлежен да дозволи или не уште еден референдум за независност на Шкотска.
Но, тој инсистира дека тоа прашање е решено на референдумот во 2014 година на кој 55 проценти од шкотските гласачи гласаа за останување во Велика Британија.







