Комплетно нови учебници за трето и шесто одделение, ќе има набргу по почетокот на школската година, велат од Министерството за образование и наука.
„Со учебниците за трето сме во понапредна фаза на изработка и одобрување, споредбено со оние за шесто одделение, a очекуваме сите учебници во овие две одделенија да бидат одобрени и испорачани набрзо по стартот на новата учебна година.
Дотогаш ќе се користат помошни материјали кои ги изработува БРО и ќе бидат достапни во електронска форма. Тие ќе помогнат во постигнување на резултатите од учење кои се определени во секоја тема од наставните програми“, велат за МИА од МОН.
Учениците од прво, второ, четврто и петто одделение ќе ја почнат новата учебна година со нови учебници по сите предмети.
Исклучок ќе биде учебникот по Историја и општество за петто одделение кој беше повлечен од употреба поради потребата од технички исправки и корекции на одредени содржини со неточни податоци.






