„Ова е една глупост од нашата полиција. Сосема непотребно. Носење знаме, особено ако не е државно, е приватна работа. А и да е државно…
Ова е став на професорот по уставно право Светомир Шкариќ во врска со судењето на адвокатот Тони Менкиноски кое продолжува денеска, затоа што го нарушил јавниот ред и мор со истакнување на знамето од Кутлеш.
„Употребата на знамињата од приватни лица и односот кон нив е прашање од сферата на слободата на изразување“, вели Шкариќ во изјава за „Плусинфо“.
„Има во САД познат случај на палење на амерканското знаме, но судот го осободи сторителот, оценувајќи дека тоа е начин на изразување на мисла, протест, а слободата на изразување е гарантирана. Знамето може да биде симбол на изразување на свое мислење во позитивна и во негативна смисла. Освено тоа, ова е широкоприфатено знаме, секој може во дворот да си го стави, јас можам на тераса да си го ставам.
Ако има некој да се идентификува со тоа знаме, пуштете го да се идентификува, вели Шкариќ.
Според професорот, ако станува збор за државна манифестација, тоа е друго,тогаш државата врз себе ја зема одговорноста за употребата на симболите.
„Ова е врзано со спорот со Грција и тука сега властите се во конфузија и слепо тоа го форсираат, немаат храброст да направат разграничување.
Знамето е облик на изразување на свој став, а ставот се изразува на јавно место. Граѓаните имаат право да го употребуваат тоа знаме, како сакаат и каде сакаат.
Државните органи се друго, тие можат тоа да го регулираат со закон.
За граѓанинот – не, не може никој да го натера ниту да користи ниту да не користи едно или друго знаме“, вели професор Шкариќ.







