Професорот Светомир Шкариќ кој долги години сметаше дека Охридскиот договор е штетен и противуставен сега со поинаков став. Зборувајќи за промените на уставот на Телма Шкариќ признава дека бил критичар на рамковниот договор но дека сега еволуирал и има поинакво мислење од тоа што го имал 17 години.
„Очигледно е дека станува збор за политички договор со вметнување на Охридскиот рамковен договор во Преамбулата. Ако Охридскиот рамковен договор биде вметнат во Преамбулата, Македонија може да добие на стабилност. Во Договорот се гарантира унитарност на државата“.
„Охридскиот рамковен договор не е целосно преточен во Уставот. Ако Рамковниот договор стане уставна категорија преку Преамбулата, тогаш Уставниот суд може полесно да одлучува. Менувањето на Преамбулата е политичка одлука. Јас бев критичар на Рамковниот договор, но денес го гледам многу пошироко“, е најновиот став на професорот по уставно право.
„Промената на преамбулата на прв поглед изгледа ситна, но е многу значајна. Владата сака да го одбегне манифестот на АСНОМ кој е проблематичен за Грција. Сегашните предлагачи на уставните измени сакаат одлуките на АСНОМ да ги заменат со проглас, освен манифестот кој не фигурира во прогласот. Манифестот на АСНОМ повикува на обединување“, изјави Шкариќ вчера за Телма.
„Целиот договор со Грција е правен поради едно прашање, Република Македонија да рефрелктира само на едно географско подрачје. Концептот на обединета Македонија се одржува долго време, никој не може да го побие и претставува дел од историјата, вели Шкариќ според кого битен е зборот Македонија. Штом зборот Македонија опстојува, тогаш идентитетот е загарантиран.
“Не гледам ништо спорно во менувањето на имињата на државните институции. Грција покажува поголема чувствителност кон територјалните претензии отколку иметo. Кога станува збор за македонското малцинство во странство нема некои позначајни измени во предложените амандмани“.
Треба да се уреди со одлука дека амандманите стапуваат на сила веднаш кога Грција ќе го ратификува Договорот и протоколот. Ако измените поминат, Македонија ја заврши својата задача. Ако Грција не го исполни својот дел тогаш се губи смисла а Договорот ќе остане за во архива како доказ за добрата воља на Македонија“, смета професорот кој само до пред неколку месеци сметаше дека промената на уставното име ќе има несогледиви последици по македонската држава а дека Охридскиот договор е штетен и противуставен.





