Шилегов ветува бесплатен автобуски превоз за пензионери!?

„Повеќе од 85 илјади пензионери ќе можат секојдневно бесплатно да го користат јавниот превоз“, вели кандидатот за уште еден градоначалнички мандат, Петре Шилегов, кој најавува бројни поволности за пензионерите, лицата со попреченост и лицата со ретки болести во следните четири години.



Шилегов вели дека на овој начин, покрај намалување на градскиот сообраќаен метеж, градот Скопје директно ќе придонесе кон заштеда на семејниот буџет на оваа важна категорија граѓани, но уште поважно, ќе овозможи побезбедно патување имајќи ги предвид безбедносните мерки против Ковид-19, што директно ги засега повозрасните граѓани кои се ризична категорија.

„Пензионерите и повозрасните граѓани се извор на знаење, искуство и мудрост. Тие го граделе Скопје и ја заслужуваат поддршката од градот. Затоа им го олеснуваме животот и се грижиме за нивните потреби. Овозможуваме бесплатен јавен градски превоз за сите пензионери во Скопје секој ден во неделата. Нашите повозрасни граѓани ќе можат слободно да се движат и да ги остваруваат своите обврски, а не само вторник и петок. На тој начин го запираме метежот во работните денови во градските автобуси за луѓето кои одат на работа, или на училиште“, вели Шилегов.