Шилегов: Метрополата се наоѓа во процес на девастација, да има избори на Град Скопје во мај

Екс скопскиот градоначалник Петре Шилегов побара од актуелната градоначалничка на главниот град Данела Арсовска да поднесе оставка и во мај, заедно со парламентарните и претседателските, да има локални избори на ниво на Град Скопје.



Нашето Скопје сериозно се наоѓа во процес на целосна девастација. Почитувана Арсовска, заминете си! Поднесете оставка! Доблесно е да си признаете дека сте тотално неспособна и некадарна да го водите градот. А едноставно, Градот, Ви се случи. Непланирано. (Без визија и план што би работеле. Со сите мои и наши (партиски, политички и граѓански) грешки кои придонесоа за тоа). Во мај секако имаме избори во Македонија. Нека се избори и во Скопје. Заради малку достоинство што секој од нас треба да го има. И заради Градот (не толку убав во задње време) во кој што сите живееме“, напиша Шилегов на Фејсбук.

Тој дополни дека мотивот не му е да дојде повторно до функција, туку тоа го прави поради ситуацијата во која што се најде Скопје.