Скопскиот градоначалник Петре Шилегов и советничката група на СДСМ во Град Скопје не го прифатија амандманот од советничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ирена Попова, за спас на фудбалскиот клуб Вардар.
Попова поднесе амандман на буџетот на главниот град за 2021 година за финансиска поддршка од 30 милиони денари (околу 485 илјади евра) за шампионот на Југославија од 1987 година и 11-кратен првак на Македонија.
„За фудбалскиот клуб Вардар предложив амандман со кој побарав финансиска помош со цел поддршка на спортот во градот Скопје, но тој без никакво образложение беше одбиен од градоначалникот Шилегов“, објаснува Попова.
Буџетот на Град Скопје за следната година е 7,2 милијарди денари или околу 117 милиони евра.
Вардар ја заврши есенската полусезона во Првата фудбалска лига на Македонија на шестото место.






