Скопскиот градоначалник Петре Шилегов одговори на прозивката од министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, во интервју за германскиот весник „Ди велт“ за празнувањето на Денот на ослободувањето на Скопје – 13 Ноември.



„Да се споредува Јосип Броз со Хитлер е елементарно непознавање на основна историја. Да се кажуваат 1,7 милиони жртви – тоа се жртвите од тогашната борба со фашизмот, но и од граѓанската војна што тогаш се одвивала на територијата на поранешна Југославија. Јас сметам дека Јосип Броз како историски лик во воениот период – да го оставиме поствоениот, комунизмот – бил познат како еден од носителите на антифашистичката борба. Дефинитивно, најголемиот или водачот на најголемата герила – партизаните во тогашна Југославија и во меѓународни историски рамки е признат како антифашистички лидер, што за Цар Борис не може да се рече“, изјави за Сител ТВ членот на Централниот одбор на СДСМ.

„За помалку од 10 години тој убил речиси 1,7 милиони луѓе во поранешна Југославија. А тие таму го слават него. Градоначалникот на Скопје е партиски другар на Заев. Тоа е исто како градоначалникот на Берлин да дојде на идеја да го слави денот на смртта на Хитлер“, рече за „Ди велт“ шефицата на бугарската дипломатија, според која Тито е еден од најмрачните диктатори.