Скопје изминатите 2 дена беше домаќин на 75 натпреварувачи во уметничко лизгање во рамки на меѓународниот натпревар ,,Скопје на мраз 2022″.
Пред македонската публика се претставија гости учесници од клубови од Србија, Бугарија, Грција и секако од Македонија.
Меѓународни судии од Србија и Бугарија беа задолжени за арбитражата.
Иако условите за развој на спортовите на мраз како што се уметничкото лизгање и хокејот се повеќе од скромни во нашата држава бидејќи единственото лизгалиште работи едвај 4 месеци во годината, постои една голема група млади деца кои неуморно ги посетуваат напорните тренинзи, посветено работат и вежбаат како на мразот така и надвор од него и се подготвени да ги бранат боите на Македонија.
Да се надеваме дека некоја од овие прекрасни девојки ќе биде и член на македонската делегација на претстојната Олимпијада во Кортина, Италија во 2026 и конечно ќе имаме претставници и во други спортови освен скијањето!








