Основниот суд во Приштина осуди шест лица на вкупно 25 години затвор за планирање терористички напади против членови на мисијата КФОР, во тамошни дискотеки, во православни цркви, како и во околните држави.



Според Специјалното обвинителство, тие планирале да формираат и организација „Помош за Исламска држава во земјата на орлите“ што ќе подготви терористички и самоубиствени напади во Косово, Албанија и во Македонија, но и во Франција и во Белгија.

Косовските медиуми известуваат дека станува збор за Бујар Бехрами, осуден на 10 години затвор, потоа Грамос Шабани на седум, а Резим Кастрати на четири. Лојтрим Муслиу ќе помине зад решетки 27 месеци, Алберт Адемај 18, а Едона Халити една година.

Покрај тоа, Судот нареди да им се конфиксуваат 9.000 евра и огнострелно оружје.