Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на Бледскиот стратегиски форум изрази задоволство од досегашниот процес на пристапување на Македонија во НАТО, но изрази и загриженост дека ситуацијата во некои земји-членки би можела да го одолжи зачленувањето.
„На Црна Гора ѝ требаа повеќе од 18 месеци, а ние се надеваме да го постигнеме тоа за помалку од десет месеци. Има многу непознатици, на пример, ситуацијата во Велика Британија, исто така и дали ќе се формира нова шпанска влада или ќе одат на избори. Сето ова би можело малку да го одложи процесот“, изјави потпретседателката на Владата на панелот насловен „НАТО: Што следува? Поглед на евроатлантската безбедност 70 години по Вашингтонскиот договор“.
Од 6 февруари годинава, кога постојаните претставници на членките на НАТО го потпишаа протоколот за пристапување на Македонија во Алијансата, досега 18 од 29 земји го ратификуваа нејзиното членство во северноатлантскиот воен сојуз. Toa уште не го сториле САД, Велика Британија, Франција, Германија, Шпанија, Италија, Холандија, Турција, Португалија, Чешка и Исланд.





