Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, носителка на листата на СДСМ и Беса во петтата изборна единица, објави на Фејсбук дека го посетила споменикот во Смилево на „нашиот револуционер и социјалдемократ, нашиот идеолог Даме Груев“.



„Се поклонувам пред предците, кон оние кои ја создаваа нашата држава пред повеќе од еден век. Во с. Смилево во општина Демир Хисар положив цвеќе пред паднатите борци во НОБ и го посетив споменикот на нашиот револуционер и социјалдемократ, нашиот идеолог Даме Груев“, напиша Шекеринска.

Освен што избегна да го нарече „македонски“ револуционер еден од основачите на ВМРО, заменик-претседателката на СДСМ се обиде идеолошки да го присвои човекот чијашто идеологија била борбата за ослободување од отоманското ропство и за автономија на Македонија.

За поврзувањето со социјализмот самиот Груев се има изјаснето во своите спомени за учителствувањето во Прилеп.

„Учителите дури странеа од мене кога се беше расчуло дека сум исклучен од Вишето училиште во Софија и дека сум заразен од социјалистички идеи. Во суштина, социјализмот го должам на социјалистичката средина во Софија. Сериозно не бев го изучувал социјализмот, ниту некогаш сум бил предаден со фанатизам на тоа учење. Во Македонија ме дразнеа како социјалист и јас, предизвикан, сум го заштитувал тоа учење, но активен социјалист не сум бил и ниту сум мислел дека за социјалистичкото учење има почва во Македонија“, напишал еден од највидните ликови на македонската револуционерна борба.