Шефовите на држави и влади на 30 земји членки на НАТО се состануваат денеска во Брисел за да ги координираат следните одговори на војната во Украина и руската агресија, јави дописничката на МИА од Брисел. На состанокот ќе учествува и премиерот Димитар Ковачевски.
Денеска и утре во Брисел се одржуваат и лидерски состаноци на ЕУ и на Г7 групата, каде ќе се придружи и американскиот претседател. За сите Украина и одговорот на Западот е главна тема.
Тема на разговорите е состојбата во Украина, еден месец по стартот на војната, зајакнувањето на одбраната на НАТО членките, но и улогата на Кина во оваа криза, најави вчера генералниот секретар Јенс Столтенберг.
Како што најави Столтенберг вчера лидерите ќе разговараат за испраќање нови борбени групи на истокот на Алијансата, Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка, за да се засили присуството на земјите сојузнички во соседството на Русија, кои стравуваат од евентуален руски напад на нивна територија.
Се очекува украинскиот претседател Володимир Зеленски да се вклучи на состанокот преку видео врска. Познато е дека Киев бара од НАТО да го обезбеди небото над Украина, но за најголемиот број земји на Алијансата ваков чекор е незамислив бидејќи тоа би значело директен судир со Русија, а со тоа и можна војна на целиот континент.
Генералниот секретар предупреди дека одлуките што НАТО ќе ги донесе денеска ќе имаат далекусежни последици, а од владите на земјите членки ќе се бара да ги зголемат воените трошоци.






