Шефот на Вагнер: Време е за крај на специјалната воена операција

ЛИДЕРОТ НА ВАГНЕР ПРИГОЖИН ГО ПОВИКА ПУТИН ДА СТАВИ КРАЈ НА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА

Лидерот на руската платеничка армија Вагнер, Евгениј Пригожин, во коментар објавен од неговата прес-служба, рече дека прогласувањето на крајот на „специјалната воена операција“ во Украина и задржувањето на фокусот на окупираните територии би било идеално за таа земја.



Пригожин, во објава на „Телеграм“, вели дека Русија успеала да убие голем број украински мажи на воена возраст и да принуди други да избегаат од земјата.

„Идеалната опција е да се прогласи крај на специјалната воена операција, да ги информираме сите дека Русија ги постигнала целите што ги испланирала и во таа смисла, ние навистина ги остваривме. Уништивме голем број припадници на украинската армија и можеме да си признаеме дека нашата задача е исполнета. Русија го отсече Азовското море и голем дел од Црното море, зазеде голем дел од украинската територија и создаде копнен коридор до Крим“, вели Пригожин.

Но, тој предупреди дека има еден проблем што го предизвика војната.

„Ако претходно Украина беше дел од поранешна Русија, таа сега е апсолутно национално ориентирана земја“, кажа лидерот на Вагнер.