Денес, за жал, во Македонија нема демократско владеење, туку недемократско дивеење, пишува меѓу другото академик Љупчо Коцарев во текст за денешното печатено издание на весникот „Нова Македонија“.
Текстот е насловен „За достоинството и гордоста“ и во него академик Коцарев наведува дека Македонија денес се соочува со два проблема. Првиот го именува како „идентитетски проблем“, а вториот како „проблем на демократијата“.
Иако за првиот проблем академик Коцарев веќе пишуваше, во новиот текст тој забележува дека „некои граѓани (и политичари) во денешна Македонија можат да сметаат дека пред 1944 година, некои жители на Пиринска, Егејска и Вардарска Македонија зборуваат бугарски јазик-тоа е нивно право-но поддржете ги моето право и правото на илјадници други граѓани во Пиринска, Егејска и Вардарска Македонија да имаме различно мислење од вашето“.
-Но, кога станува збор за Владата на Република Македонија, МАНУ, УКИМ и другите институции на државата, тие се должни цврсто да ги бранат научните тврдења на светските лингвисти, слависти, историчари, хуманисти, етнолози, според кои македонскиот јазик, идентитет, историја, култура имаат повеќевековна традиција во и надвор од границите на денешна Македонија, пишува академик Коцарев.





