Шефицата на антикорупциска најде кривично дело во Судскиот совет ( ВИДЕО)

По скандалозното разрешувањето на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева во јавноста има лавини реакции од кои меѓу поинтересните е тоа на претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска.



Таа вчера во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 зборуваше дека во судскиот совет се случува кривично дело.

Според неа, тоа што се случува во Судскиот совет и личи на страшна трговија со влијание.

Таа додаде дека очекувала реакција и од Собранието но не го спомена обвинителството кое е надлежно да гони кривично дело.

Трговија со влијание е дело за кое според два члена од Кривичниот законик може да се добие казна затвор до 5 години.

Република Македонија кривичното дело-трговија со влијание го предвидува во Кривичниот законик ( член 358-а) како “Давање награда за противзаконито влијание“.

Трговијата со влијание во овој член е дефинирана како ситуација кога:“ лице кое на друг директно или индиректно ќе му даде награда, подарок или друга корист или ветување или понуда за таква корист, за него или за трето лице, за да со искористување на своето реално или претпоставено влијание, службена или општествена положба и углед, бара, интервенира, поттикнува или на друг начин влијае да се изврши определено службено дејствие што би морало да се изврши, или да не изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши,“ за што ќе се казни со затвор од една до три години.

Построга казна( од една до пет години затвор) е предвидена за лице кое-“ наградата, подарокот или другата корист, ветувањето или понудата за таква корист, директно или индиректно, ќе ги даде на друг за да со искористување на своето реално или претпоставено влијание, службена или општествена положба и углед, бара, интервенира, поттикнува или на друг начин влијае да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши, или да не се изврши службено дејствие што би морало да се изврши“, Доколку пак, делото е сторено во врска со покренување или водење кривична постапка против определено лице, е предвидена казна затвор од три до пет години.

Кривичното дело“Примање награда за противзаконито влијание“, предвидено во член 359 од КЗ е дефинирано како активност кога лице- “директно или индиректно ќе прими награда, подарок или друга корист или ветување или понуда за таква корист за себе или за трето лице, за да со искористување на своето реално или претпоставено влијание, службена или општествена положба и углед, бара, интервенира, поттикнува или на друг начин влијае да се изврши службено дејствие што морало да се изврши, или да не се изврши што не смеело да се изврши“. За ова дело е предвидена казна затвор од една до три години,а доколку делото е сторено во врска со покренување или водење кривична постапка против определено лице е предвидена казна затвор од една до пет години.