Рускиот амбасадор во Македонија, Олег Шчербак, на денешниот собир за поддршка на Русија пред амбасадата во Скопје рече дека разбираат оти одлуката за протерување еден негов соработник не ги одразува чувствата на Македонците кон Русија.



„Многу добро разбираме дека овој непријателски чин не ги одразува чувствата на македонскиот народ кон Русија. Сакам да истакнам дека провокативните лажни вести дека Русија, наводно, на некој начин им се заканува на националните интереси на Република Македонија претставуваат злонамерна лага. Русија секогаш била и останува пријател на народот на Република Македонија, со кој нè врзуваат повеќевековни врски на пријателство и на заеднички вредности. Русија беше една од првите што ја призна Република Македонија под нејзиното уставно име и длабоко ги почитуваме суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на вашата земја“, рече Шчербак на собирот организиран од партијата Единствена Македонија.

Шефот на дипломатската мисија на Руска Федерација во македонскиот главен град изрази големо жалење за избрзаниот потег на Македонија, како што го нарече солидаризирањето со Велика Британија во случајот „Скрипал“, па „Русија со големо жалење мораше да преземе контрамерки“.