Британскиот весник „Гардијан“ објави писмо од Александар Алекс Шапкароски од Перт, национален извршен директор за Австралија и претседател на огранокот за Западна Австралија на Светски македонски конгрес.
„Би сакал да направам неколку важни поенти:
1. Грција никогаш немала територија наречена Македонија пред 1913 година.
2. Во 1913 година Македонија била политички поделена според Букурешкиот договор, па оттука Грција ја добила Егејска Македонија, над 52% од оригиналната територија.
3. По окупацијата во 1913 година Грција го именува овој дел од Македонија како Северна Грција и назначи министер за Северна Грција.
4. Повеќето светски медиуми не известуваат дека постои и дел од Бугарија наречен Пиринска Македонија.
Неправедно е не само за македонската заедница, туку и за оние ширум светот кои сакаат да ја знаат вистината, да не бидат соодветно информирани за овие факти за Македонија и за проблемите со кои се соочува таа.
Ние Македонците ги почитуваме сите наши соседи во регионот и не очекуваме тие да го променат своето име од политички или од историски причини. Ве оставам со зборовите на Вилијам Гледстон (британски премиер од крајот на 19. век – н.з.): ‘Зошто да не Македонија на Македонците?“, стои во писмото на Шапкароски што го објави „Гардијан“ само неколку дена по писмото на поддршка за Преспански договор од 40-тина професори и научни соработници од универзитети во Европа и во САД.





