Освојувачите на рекордните шест медали за Македонија на 40. Балканска математичка олимпијада во Турција, од кои по еден златен и сребрен и четири бронзени, добија шампионски пречек пред Природно-математичкиот факултет во Скопје.
„Златниот“ Никола Спировски, „сребрениот“ Дамјан Давков и „бронзените“ Јан Стојановски, Алексиј Тасиќ, Никола Цветаноски и Алек Танаскоски заедно освоија 157 тимски поени, значително подобрувајќи го резултатот од 118 поени во 2022 година.
Македонија е една од трите држави со златен медал на ова натпреварување на математичарите-ученици од Балканот, а според бројот на освоени поени е петта.
Една од задачите кои сите учесници ја решаваа беше македонски предлог (задача 1) на водачот на македонскиот тим Никола Велов.






