Ракометарите на Вардар ја добија војната на теренот во Брест против ППД Загреб, славејќи во финалето на СЕХА со 26:23 за шампионски хет-трик и вкупно петти пехар во осмото издание на регионалната лига.



Европскиот првак од 2017 година уште еднаш успешно излезе на крај со загрепчани сезонава по триумфот и во двата осминафинални меча од Лигата на шампионите минатата недела, но го загуби Кристијан Дисингер. Германецот 11 секунди пред крајот на првиот дел тешко ја повреди левата рака по бруталниот старт од Поточник, за кој Словенецот беше дисквалификуван, а црвени картони во овој натпревар добија и Мораеш од Вардар и Мандиќ од Загреб.

„Ова е победа за Дисингер. Никој не зборуваше кога влеговме во соблекувалната по првото полувреме, а и самиот тој не беше свесен што му се случи. Одвај чекаме да заврши церемонијата и да бидеме со Кристијан. Знаеме колку му е тешко“, изјави Дибиров по средбата.

Решеноста на загрепчани да сторат сè за да му се реваншираат на македонскиот шампион за поразите сезонава резултира со нивно водство од 7:4 во 12. минута, а опасно се заканија и во финишот, кога предноста на противникот од пет гола ја сведоа само на еден.

Криштопанс со седум гола од 10 обиди беше најдобар поединец во финалето, а беше прогласен и за МВП на завршниот турнир. Скубе заврши со 5/5, а Дибиров со 5/10.

Милосавлев е прогласен за најдобар голман на турнирот, а во идеалната седморка од вардарци се најдоа и левото крило Дибиров, десниот бек Криштопанс и пикерот Стоилов.

Третото место го освои домаќинот Мешков Брест со победата против дебитантот на завршните турнири Нексе од 24:19.