Шахоли: „ДУИ победија, оти се специјализирани за ветувања и измами!“

„ДУИ остана непоразена во првиот круг од локалните избори не затоа што е подобра од опозицијата, туку затоа што ‘интегративците’ се специјализирани за ветувања и измами, полнејќи им ги умовите на гласачите – Албанци дека се најдобри“ – тврди политичкиот аналитичар Медаи Шахоли во својата колумна објавена во весникот на албански јазик „Лајм“ под наслов „ДУИ остана непоразена и овојпат!“.



„Од 18 општини каде ДУИ учествуваше на локалните избори, победи во три општини во првиот круг како што се Сарај, Пласница и Липково. Таа ја продолжува битката во 13 други општини во вториот круг по две недели. Следниот и најтешкиот предизвик за неа останува дуелот во Тетово, Студеничани и Гостивар, додека во другите општини е фаворит.“

Не водејќи сметка за тоа дека ќе предизвика соодветни негативни реакции во пошироката македонска општествено – политичка јавност, бидејќи повторно употребува термин „Илирида“, веројатно мислејќи на „западниот дел на Република Македонија“, колумнистот вели натаму: „Како што кажав во моите предвидувања, од 18 општини каде се натпреваруваат Албанците од Илирида, 13 – 14 ги добива ДУИ и така изгледа. Освен во Брвеница каде што независниот кандидат Енвер Пајазити се соочува со кандидатот на ВМРО ДПМНЕ. Врз основа на постигнатите резултати, интегристите на Али Ахмети ќе можат да победат изгледа и во Гостивар и во Студеничани.“

„По завршувањето на првиот круг ДУИ повторно остана непоразена во овој натпревар не само поради тоа што интегративците се подобри од опозицијата: опозицијата не успеа да го убеди албанскиот електорат со своите ветувања и бидејќи интегративците се специјализирани за своите ветувања и измами, полнејќи им ги умовите на Албанците дека тие, интегративците, се најдобри.“

„ДУИ излезе посилна од овие избори. Гласањето во вториот круг, што ќе се одржи по две недели, ќе потврди дека интегративците на Али Ахмети остануваат непоразени не затоа што го држат својот збор, туку поради тоа што албанскиот гласач бргу заборава и се предава. На албанската опозиција не и преостанува освен да ја прифати загубата и да понесе морална одговорност пред своето гласачко тело. Пазарењата и сојузите за вториот круг веќе започнаа. Тоа останува само да се потврди на денот на изборите по две недели низ општините.“ –заклучува Медаи Шахоли во својата колумна објавена во „Лајм“.