Шада Ислам, една од највлијателните жени во бриселските кругови и долгогодишна експертка за надворешна политика на ЕУ, во разговор за МИА вели дека Западен Балкан не треба да се надева на брзо приклучување кон Европската Унија, но смета дека е време двете страни да излезат со храбри и креативни решенија во нивното партнерство.
„Не е реалистично да се очекува полноправно членство во догледна иднина.
Таргетот 2025 година што се даваше е магично размислување. Проширувањето е долг и болен процес и видовме сега со Косово и Србија, има толку многу нерешени прашања, а во Брисел постои загриженост за темпото на реформи.
Мислам дека е време да се престане со магичното размислување, но го разбирам товарот за ЕУ, ова е ситуација со двајца губитници, но мислам дека она што ни треба е некаков брејнсторминг за креативни политички решенија.
Да престанеме да сонуваме и да бидеме реални за тоа што може да се направи.
Никој не е подготвен да оди по тој пат поради сите предизвици и дадени ветувања, но мислам дека е време да размислиме како понатаму, додека чекаме, и продолжуваме да се надеваме дека ќе се оствари членството во ЕУ за сите шест земји“.







