Можам да не им се налутам на добронамерните странци, на кои, поради незнаење или поради невнимателност, можe да им се случи да ги наречат граѓаните на нашата земја „северномакедонци“. Како што му се случи на нашиот американски пријател Габриел Ескобар, на пример. Ништо страшно. Треба да бидеме толерантни, но и да му укажеме на човекот дека згрешил. Јас верувам дека и тој би сакал да ја слушне нашата исправка – пишува Бранко Героски во колумна за Плусинфо и продолжува:
Патем речено, проблем предизвикуваат и лингвистичките правила во некои јазици. Во германскиот јазик, на пример, се спомнуваат термините Nordmazedonien, Nordmazedoniens, Nordmazedonisch. Незгодно. Но, Германците држат до особеностите на својот јазик. Ние не. Спротивно на правилата на синтаксата на македонскиот јазик, според кои именката е центар на именската фраза, државата одлучи новото службено име Република Северна Македонија да го скрати со фразата Северна Македонија, наместо со именката Македонија.
За жал, има и две групи луѓе од Македонија, две групи Македонци поточно, кои се обидуваат да ни ја наметнат употребата на кованицата „северномакедонци“, како именка за граѓаните (државјаните) на нашата земја. Има обид да се одомаќини придавката „северномакедонски“, како атрибут за јазикот, но и за други именки.
Кои се тие луѓе и која е нивната цел?
Првата група се апологетите на разбирањето на „духот“ на Преспанскиот договор што се обиде да го наметне поранешниот премиер Зоран Заев. Втората група се противниците на овој договор, кои сметаат дека со преименувањето на нашата држава од Република Македонија во Република Северна Македонија бил сменет и идентитетот на Македонците, па затоа, ете, некои со право сега нас нѐ нарекуваат „северномакедонци“, а нашиот македонски јазик „северномакедонски“. Првите го поддржуваат идентитетскиот инженеринг што се обиде да го наметне Заевата пропаганда, а другите, од позиции на малициозна критика на Преспанскиот договор, секташки ги дисквалификуваат неговите поддржувачи.
Ќе се обидам да докажам зошто и едните и другите не се во право и зошто обидот да се произведе нова, т.н. политичка нација, со името „северномакедонци“ и со соодветната придавка „северномакедонски“, не смее да успее.
Мојата држава и мојата земја – не е тоа исто!
Првиот чекор кон разбирање на нештата е да се потрудиме да направиме разлика меѓу термините нација, народ, националност, етнос, етничка група, етничка заедница, граѓани, државјани итн. Еден дел од овие термини се користат за идентификација на носителот на суверенитетот на една држава. Во поретки случаи, како што е САД, на пример, државата на Ескобар, постои силна идентификација на граѓаните на таа држава со нацијата која е носител на суверенитетот, без разлика на нивното расно и етничко потекло. Па така, кога зборуваме за американската нација, истовремено мислиме и на граѓаните на американската држава и на луѓето кои и национално или етнички се идентификуваат како Американци. Но, во повеќето држави во светот постојат разлики меѓу идентификувањето на граѓаните со државата (оттаму и изразот политичка нација) и идентификувањето со нивниот етнос. Всушност, поголемиот дел од државите во Европа се мултиетнички општества, а во либералните и напредните, мултиетничноста се доживува како богатство, а не како маана што треба да се крие или да се менаџира.
Втората многу важна работа што треба да ја научиме е да правиме разлика меѓу значењата на поимите држава и општество. Па така, кога зборуваме за држава, ние всушност зборуваме за еден систем на државни органи и институции што остварува суверенитет на определена територија, но и за разните официјални (службени) својства на граѓаните на таа држава (државјаните) и на богатите односи меѓу нив и тој сложен систем и апарат. Кога мислиме на општеството, пак, а обично го именуваме со терминот земја, зборуваме за заедница која живее на една територија (која не мора секогаш да се поклопува со државната територија), а во неа луѓето стапуваат во најразлични односи, при што само дел од тие односи се во доменот на државната регулација.
Кога сме веќе кај прашањето на територијата… Постои, на пример, Курдистан, како име на еден демографски и културен регион на Блискиот Исток, населен доминантно со Курди. Затоа и се вика „земја на Курдите“. Но, тие немаат своја држава. Тој регион не е држава. А има повеќе народи кои имаат своја земја, кои живеат во посебни општествени заедници, но сепак немаат свои држави.
Државата носи закони и други прописи, а склучува и меѓудржавни договори (кои, според македонскиот Устав, со чинот на ратификација стануваат составен дел од домашниот правен поредок), во кои ги регулира односите за кои постои широк општествен договор дека се во нејзина надлежност. Во некои случаи, ние граѓаните ѝ дозволуваме на државата да ги ограничи и нашите најосновни човекови права, ако меѓу нас постои договор дека на таков начин таа штити некои повисоки вредности кои ни се важни. Така, на пример, државата во Кривичниот законик пропишува и затворски казни, а државниот апарат го спроведува законот, затоа што сме се договориле дека тоа е најефикасниот начин да се заштитиме од убиства, насилства, кражби и слични зла. Порано, во бившата држава, бевме договорени дека државниот апарат може и да ги убива сторителите на најтешките кривични дела, но потоа се предоговоривме и ја укинавме смртната казна.
Целата колумна на следниот линк:
https://plusinfo.mk/severnomakedonci-nema-takov-narod/





