Е мој Перо Антиќ. Што ти требаше, црни Перо, онаа одвратна повраќаница врз дресовите на кошаркарската репрезентација на Македонија? Поради гнасниот натпис „North Macedonia“, да не може човек да се израдува на најголемиот успех на машката селекција до 20 години по 2006 година со освоеното второ место во дивизијата Б на Европското првенство во Скопје. Да мора со кнедла во грлото и со гнев во душата да им се восхитува на некои нови клинци, посебно на изборот на Теодор Симиќ во идеалната петорка на шампионатот, ни виновни ни должни за глупоста на претседателот на Федерацијата и на неговите соработници.
„Ничим изазвани“ му го залепија на горниот дел од опремата на македонските национални тимови натуреното ново државно име, неприфатливо за две третини од избирачите на пропаднатиот референдум од 30 септември 2018 година. За огромниот дел од Македонците и да не зборуваме.
Што им недостигаше бе, „друже претседниче“, на сè уште официјалната меѓународна кратенка МКД и на државното знаме на дресовите во кои ти, Мекејлеб, Илиевски, Гечевски, Чековски, браќата Стојановски и останатите херои ја направивте Македонија горда на историското четврто место на Европското првенство 2011 во Литванија? И тогаш нè водеа под ништо помалку одбивното БЈРМ во официјалните записници, па никому не му паѓаше на памет да ја залепи неприродната кратенка на дресовите.
Името на државата не е задолжително да стои на опремата на ниту една државна селекција во ниту еден спорт, но се најде паметен Антиќ да ја бапне омразената формулација токму врз опремата на македонските репрезентации во кралицата на игрите. Ај што прво што направи кога застана на кормилото на Федерацијата е да ја преименува од Македонска кошаркарска федерација (МКФ) во Кошаркарска федерација на Северна Македонија (КФСМ), иако несреќине што неовластено ја потпишаа срамната преспанска капитулација тврдеа дека ја заштитиле придавката македонски, Перо реши да оди чекор понатаму. Ниту еден друг македонски национален тим нема „Северна“ на дресовите, освен кошаркарските селекции.
И, што е најстрашно, понижувањето го направија без да бидат принудени, туку како своја одлука?! За споредба, огромен беше притисокот врз Фудбалската федерација на Македонија пред Европското првенство 2021 да го отстрани логото со кратенката ФФМ од дресовите на барање на Грција, но таа не подлегна. Уште помалку го смени името на Федерацијата, инаку водена од Албанец, кој јасно стави на знаење дека тие ја презеле со тоа име и не се сметаат за повикани да го сменат!
Разочарувањето е дотолку поголемо кога ќе се присетиме на гестот на Антиќ со тетовирањето на македонското знаме до срцето по феноменалниот успех во Литванија. Тој и таков Перо привлекуваше десетици Македонци во американските сали додека ја испишуваше македонската кошаркарска историја како прв Македонец што (со успех) играл во НБА-лигата. Тогаш не му пречеше и да се слика со многумина од нив со македонското знаме со Сонцето од Кутлеш, поради што нагалено го завикаа и Перо Антички.
Што ли се случи оттогаш наваму со идолот и миленик на љубителите на кошарката во Македонија, човекот што ја разгали нацијата со брилијантните настапи во државниот дрес како капитен на репрезентацијата? „Тази Перо не е Перо“. А Македонија, сполај му на Севишниот, била, е и ќе си остане – Македонија!







