Врската помеѓу феминизмот и религијата е повеќеслојна. Феминистичкиот активизам пристапува кон прашањата за родовата рамноправност и улогата на жената во општеството, задира во комплексни теми кои неретко ја вклучуваат и религијата со своите ставови.
Сестра Ефимија, која е монахиња во женскиот манастир Свети Ѓорѓија во селото Рајчица кој е дел од манастирот Свети Јован Бигорски, веќе 15 години ги разгледува и проучува овие прашања, од повеќе аспекти и тоа теолошки, социјален, социолошки и правен. Таа во разговор за МИА посочува дека Православната Црква никогаш не ја негирала рамноправноста помеѓу мажот и жената и дека го поддржува, поттикнува и охрабрува конструктивниот феминизам.
Сестра Ефимија појаснува дека тоа е така затоа што Црквата во жената гледа многу силен потенцијал, многу моќен и благороден фактор за предизвикување позитивни промени во општеството, во кое принципот за еднакви шанси и можности треба да важи за сите.
Во продолжение дел од интервјуто во кое сестра Ефимија дава одговори на клучни прашања и појаснува како Црквата гледа на феминизмот, родовата рамноправност, на улогата на жената во општеството.
Нашиот разговор се одвива за празникот Благовештение, кој според христијанското предание е празник на жената и мајката, па оттука моето прво прашање би било зошто овој ден е значаен и како преку овој празник се почитува жената?
– Празникот на Благовештението ни зборува за настанот во кој Бог доаѓа меѓу луѓето, вселувајќи се во утробата на Богородица, за да го изврши делото на спасението. Он доаѓа во светот раѓајќи се од жена, со што покажува дека ја избира женската природа за да и’ даде многу значајно место и улога во општеството и нова, возвишена мисија. Но, каква мисија? Погледнете го само благиот мајчински лик на Богородица и веднаш ќе ви стане јасно – во неа е сместена сета духовна убавина, без која светот би бил навистина многу беден и суров. Таа убавина, таа мајчинска нежност и смирение, треба да се украс и на секоја жена.
Вие имате голем број на активности, меѓу кои и учеството на трибини со фокус на улогата и правата на жената. Од каде таа идеја и кој е резултатот?
– Уште од поодамна мојот најголем интерес започна да се врти околу актуелните општествени движења, во смисла на сè поголемиот предизвик на Црквата да даде конструктивен одговор на нив. Тоа, секако, ја вклучува и проблематиката поврзана со улогата на жената во општеството, нејзините права, воопшто феминизмот како движење. Последново, пак, има своја конкретна историја. Имено, уште во 2008 година, мојот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, ми ја изложи својата идеја за соработка со женските лоби групи во општеството, преку организирање на различни заеднички настани – трибини, дебати итн., на кои ќе се дискутира за социјално значајни теми. Една од нив беше и достоинството и улогата на жената во општеството, секако низ перспектива на Црквата. За мене тоа беше еден сериозен предизвик, но познавајќи го прогресивниот дух на мојот Старец, верував дека тој процес сигурно ќе доведе до позитивни социјални промени. Така и беше. Како резултат на оваа кохезија, која мора да продолжи и во современ контекст, започна сè почесто и поотворено да се дискутира за ставот на Православната Црква во поглед на рамноправноста помеѓу мажот и жената, за мајчинството и за можноста на жената да учествува во сите домени на општествениот живот.
Целото интервју на Сестра Ефимија на МИА.





