Американскиот аналитичар Даниел Сервер, професор на Универзитет за напредни меѓународни студии „Џонс Хопкинс“ и добар познавач на состојбите на Балканот, уверен е дека македонскиот Уставен суд ќе ја разреши ситуацијата околу Законот за употреба на јазиците.
„Законот покренува прашања поврзани со Уставот, бидејќи Парламентот двапати го усвои, по што претседателот е должен да го потпише. Но, тој тврди дека законот со кој се проширува употребата на албанскиот јазик од страна на државните институции е во спротивност со Уставот, на кој се заколнал дека ќе се придржува. Луѓе навистина работеа на ова, но јас, едноставно, не гледам како тоа може да се спореди со политичката криза што ја обзеде земјата во 2016 и во 2017 година, кога опозицијата објавуваше снимки што покажуваа злоупотреба на моќта. Се обложувам дека граѓаните и политичарите во Македонија ќе најдат начин како да дојдат до тоа Уставен суд да реши кој е во право. Тоа би било соодветно решение за предизвикот“, смета Сервер.





