Сериозна опасност Македонците да станат алингвиди – пишува Свето Тоевски

Во најновите обиди „иновативно“ да се реши спорот што Бугарија самата го има со македонскиот јазик и идентитетот на македонскиот народ се дојде до португалскиот предлог, кој државната секретарка на оваа ЕУ-членка Ана Паула Закаријаш го презентираше, употребувајќи го терминиот „северномакедонски јазик“.



Во португалскиот документ пишува: „БГ изјавува дека смета оти ‘Македонскиот јазик’ не постоел до 1944 година и дека овој поим во кои било идни ЕУ – документи ќе биде разгледуван во согласност со Уставот на МКД. МКД изјавува дека Македонскиот јазик, како што е наведено во нејзиниот Устав, е официјален јазик на државата и оти е тој кодифициран во 1945 година.“

Тврдењето дека „македонскиот јазик не постел пред 1944 година“ е во целосна спротивност со ставот дека „тој е кодификуван во 1945 година“, затоа што во лингвистиката поимот „кодификација“ означува само повисока фаза од развојот на еден јазик, што веќе постоел претходно во форма на дијалекти.

Ставовите на американскиот социолингвист Еинар Хауген изнесени во неговата влијателна студија „Дијалект, јазик, нација“ од 1966 година се земаат во науката како основа за разбирањето на кодификацијата и другите процеси на стандардизацијата на кој било јазик. Хауген говори за „четири аспекти (фази) на развојот на јазикот како клучни карактеристики во преминувањето од дијалект кон јазик, од вернакулар (народен речник) кон стандард“, при што кодификацијата е процес, кој води кон „минимална варијација во формата“.

Кажано согласно со терминологијата на Хауген, со кодификацијата македонскиот јазик само прераснал од поодделни дијалекти во стандардизиран, книжевен јазик, доживеал повисока фаза од својот развој, со тоа што стандардизацијата на македонскиот јазик е направена пред кодификацијата во 1944 година.

Кодификацијата апсолутно не значи дека тој е новосоздаден јазик, без никакви корени претходно. При кодификацијата е прифатено како стандарди за основа на литературниот јазик да се земат централните македонски говори и речникот да се збогатува со зборови од сите македонски наречја.

Еден од многуте директни и неспорни аргументи за постоењето на македонскиот јазик со неговите дијалекти уште од пред многу векови и оти тој во 1944 година само бил кодификуван е и „Македонскиот речник од 16 век“ – лексиколошка студија на Ќиро Ѓианели и Андре Вајан од 1958 година во издание на „Институтот за словенски студии“ на Универзитетот од Париз. Основата на овој речник е еден од најраните ракописи на чисто македонски јазик со околу 300 зборови и фрази од народниот говор во селото Богатско, во Костурскиот округ, денес во Егејска Македонија, во Грција.

Авторот на текстовите останува анонимен. Текстовите биле напишани со грчка азбука. Во османлискиот период на Балканот имало слични примери со албанскиот и влашкиот јазик.

Еве само неколку реченици од костурскиот дијалект во споменатиот „Македонски речник од 16 век“, од кои се гледа дека тие немаат никаква допирна точка со бугарскиот јазик: „Господине, брате, да си здрав, да си прост“, „остави ни да спиме“, „ела да јаме, и да пиеме“, „дол да појдиме, да работиме“, „имате хлјап-о да купиме“, „от која страна да појдиме во Богаско“…

Истакнатиот македонски дијалектолог Коста Пеев за овој речник ќе констатира: „Големата важност на Речникот од Ѓанели доаѓа од фактот дека тој претставува документ за посебноста на македонскиот во однос на соседните јужнословенски јазици, српскиот и бугарскиот, посебност засведочена одамна, скоро пред пет века. Во споменатиот Речник среќаваме повеќе јазични карактеристики, кои потврдуваат дека македонските говори од многу одамна се јавуваат со свои посебности.“

Мудриот основоположник на македонизмот Крсте Мисирков уште пред 118 години визионерски претскажал во „За македонцките работи“ што треба да прават Македонците денес со еден ваков португалски предлог околу македонскиот јазик, кој се жртвува на олтарот на македонските илузорни и бесмислени стремежи кон евроинтеграцијата: „да се откажит iеден народ от своiот iазик, се велит, да се откажит он и от сам себе и своiите интереси… Опасноста, коiа угрожаат на нашиiот народ и негоите интереси от страна на пропагандите, коiи шчо употребуваат сите и дозволени и недозволени средства, за да исчистат од Македониiа нашиiот iазик… не само не задолжуат нас, но и ни даат полно прао да употребиме сите и дозволени и недозволени стредства, за да сочуаме нашиiот народен iазик, и со него нашите народни интереси.“

Македонската наука, сите институти кои се занимаваат со македонскиот јазик, а во прв ред МАНУ, мораат да се спротивстават и да побараат целосно отфрлање на овој португалски предлог и да се преиспита самата потреба на ваквите преговори со Бугарија, а „Договорот за добрососедство“ да се поништи во македонскиот Парламент како акт, кој ги загрозува македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Треба да се градат добрососедски односи со Бугарите, но не така што ќе ги снема Македонците како нација.

Ако би поминал португалскиот предлог Македонците би можеле постапно да станат и алингвиди – луѓе без свој јазик.

Македонскиот јазик реално би започнал „тивко“ да исчезнува и од светската мапа на живи говорени јазици. Но, сепак, Македонците нема да доживеат да бидат алингвиди, бидејќи најголемиот дел од македонската нација интензивно веќе ги отфрла „Договорот за добрососедство“ со Бугарија, вклучувајќи го и овој португалски предлог, за кој може да се каже веројатна претпоставка дека е, всушност, целосно искоординиран меѓу Бугарија и Грција и со премолчна согласност на највисоките институции на ЕУ. Но, „Северната Пандорина кутија“ останува отворена и само откако таа ќе биде затворена ќе ги снема и „северномакедонскиот јазик“ и „северномакедонскиот идентитет“.