Сергеј и Јулија Скрипал ќе добијат нов идентитет – во САД!?

Британските  власти размислуваат да им понудат нов идентитет на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и на неговата ќерка Јулија, кои настрадаа при обид за труење во почетокот на март о англискиот град Солзбери.



Идејата била да се заштитат од идни можни обиди за убиство, пишува, „Сандеј тајмс“, цитиран од „Ројтерс“.

Според британскиот весник луѓе од британското разузнавање МИ6 разговарале за можноста да им бидат понудени нови идентитети“, вели неименуван извор, цитиран од весникот.

„Очигледно најсоодветно место за селидба се САД, бидејќи таму има помала веројатност да бидат убиени и е полесно да ги заштитиме таму под нов идентитет“, вели извор од разузнавањето, запознат со преговорите.

Вчера, британските власти соопштија дека Сергеј Скрипал излегол од кома и дека заедно со неговата ќерка Јулија, брзо се опоравуваат.

29 држави протераа руски дипломати во знак на солидарност кон Велика Британија, откако Сергеј и неговата ќерка Јулија беа најдени во беспомошна состојба на клупа во градот Солзбери на 4 март. Британската истрага покажа дека тие биле отруени со нервен гас „новичок“, наводно произведен во 70 и 80 години на минатиот век во поранешниот СССР, иако британска лабораторија призна дека не може да се потврди дали отровниот гас бил руски.

Москва ги отфрла обвинувањата дека стои зад обидот за атентат врз поранешниот руски шпион.

66 годишниот Скрипал е пензиониран полковник на руското разузнавање. Во 2006 година беше осуден на 13 години затвор за шпионажа во корист на Велика Британија. Тој доби азил во Велика Британија во 2010 година по размената на шпиони меѓу САД и Русија.

Скрипл беше прогласен за виновен по обвинението дека го издал идентитетот на руски прикриени агенти во Европа на британското надворешно разузнавање МИ6 за 100.000 долари.