Сензација во Автокоманда: Дебитантот Алкалоид најде лек за Вардар!

Новакот Алкалоид испиша една од најимпресивните страници во македонската клупска ракометна историја, совладувајќи го двократниот европски шампион Вардар со 22:21 во разигрувањето за титулата првак на Македонија.



Водени од легендарниот Кирил Лазаров од клупата, „фармацевтите“ го оставија срцето на теренот во Автокоманда, реванширајќи им се на „црвено-црните“ за двата убедливи пораза во основниот дел од Суперлигата и израмнувајќи се со Еурофарм Пелистер на второто место на табелата.

Домаќинот беше постојано во водство, кое по дваесетина минути игра достигна неверојатни 13:6, на полувреме замина „само“ со 13:10, за најтрофејниот ракометен колектив во Македонија четири минути пред крајот преку Георгиевски да направи целосен пресврт и првпат во мечот да поведе (21:20). Но, „сино-белите“ брзо се созедоа и со головите на Ѓорѓиев и на Серафимов од седмерец го урнаа големиот фаворит.

Гранитната одбрана на Алкалоид на оваа средба, на чело со ветеранот Крстевски и неговите 15 успешни интервенции, го откажаа Талески, кој застана на четири погодоци.

Серафимов од победничката екипа и Манасков од поразената беа најефикасни со по седум.

По седум одиграни кола во плејофот, Вардар води со 21 бод, три повеќе од Еурофарм Пелистер и од Алкалоид, со тоа што битолчани имаат натпревар помалку.