Бизнис центарот „Соравиа“ во строгиот центар на Скопје го купи Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ Али Ахмети и компанија од Тирана. Како што објавија дел од медиумите, Комисијата за заштита на конкуренцијата на 9 јуни објави дека бизнис центарот „Соравиа“ се продава на „Тор индустрис“ ДООЕЛ Скопје и албанската компанија „Пе-вла-ку ШПК“.

Дрин Ахмети, внук од братот на Али Ахмети, Фекри, од 2020 година е сопственик на компанијата за развој на градежни проекти „Тор индустрис“. Од известувањето на КЗК може да се види дека сите три компании, „Тор индистрис“, подружницата на „Пе-вла-ку“ во Македонија и „Соравиа инвест“, сопственикот на бизнис центарот, се регистрирани на иста адреса, на улицата „Филип Втори Македонски“ број 3, пренесува порталот „МКД.мк“.
Инаку Дрин Ахмети е косопственик и на фирмата „Еверест ЏД“ која има активна концесија за експлоатација на варовник на локалитетот „Буковиќ“ во Зајас. Оваа фирма добила пет тендери тешки 8 милиони денари. Негов партнер во оваа фирма бил и Бесин Ахмети, неговиот брат. Оваа фирма има активна концесија дури до 2026 за експлоатација на минерална суровина – варовник.

„Пе-вла-ку“ е една од најголемите градежни компании во Албанија и Косово, основана во 2005 година.
За богатсвото на фамилијата Ахмети неодамна и видео објави внукот на лидерот на ДУИ, денес потпретстедател на движењето Беса, Фатмир Лимани. Во таа објава Лимани ја споменува и експлоатацијата на локалитетот Буковиќ. Колку за потсетување ова не е единствен бизнис на фамилијата Ахмети. И синот, на Али, Шкумбин Ахмети, има бизнис со струја и формално е во иновативниот бизнис со соларна енергија.





